Протести против реформите во образованието

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во организација на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска се одржаа протести во повеќе градови во земјава.

Од Иницијативата се против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој, меѓудругото, се предвидува дигитализација на учебниците.

Во Скопје протестот против најавеното дигитализирање на учебниците, почна пред Министерството за образование и наука, продолжи до Владата, а заврши пред Собранието. Учесниците на протестот бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Во Тетово Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ организираше јавен протест пред зградата на општината со цел да бидат истакнати несогласувањата околу промените во образовниот процес, како и барања за одржување на настава. Организаторите посочија дека се дојдени граѓани, родители, ученици, наставници од различни националности и друг вид припадности.

-Прво бараме хартиените учебници задолжително да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование. Второ, да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија. Трето, задолжително присуство на претставници на групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во законот за било кави реформи во образованието, посочи Светлана Савевска, претставник на иницијативата.

Оваа иницијатива посочува дека нема да се дозволи децата да бидат предмет на тестирање со дигитализацијата.

-Реформи да, потребни се вистина е дека децата се преоптоварени со непотребни информации кои се дел од моменталните учебници, но, отскокнување во образовниот процес, воведување на целосна дигитализација, кратење предмети како историја и особено мајчин јазик не се решение за напредок во образованието на децата, истакна Светлана Савевска.

Учесниците на јавниот протест носеа учебници и пароли како „Законот не ги решава проблемите во образованието“, „Законот не е по мерка на родителите, наставниците и учениците, „Референдум“.

Неколку стотини гостиварци се одзваа на повикот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и излегоа на протест пред зградата на општина Гостивар.

Претставници на иницијативата посочија дека Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование, со кој се предвидува дигитализација на учебниците.

Во обраќањата на албански и македонски јазик, тие се оградија од влијанието на политичките партии, туку како што рекоа, се родители кои се загрижени за иднината на децата. Меѓу останатите забелешки во најавените реформи, од иницијативата го истакнаа проблемот со дискриминацијата на децата.

– Од една страна промовираме еднаквост, недискриминација, од друга страна внесуваат сензитивни предмети кои подлежат на нееднаквости и дискриминација. Министерката вели: на децата од социјалните ранливи категории кои не можат да следат настава преку дигитални помагала, училиштата ќе им испечатат мини учебници – скрипти. Каде е тука еднаквоста меѓу децата?, рече Борче Брајкоски учесник на протестот.

Од протестот тие порачаа дека нема да дозволат децата да бидат предмет на тестирање и побараа заеднички да се изнајдат решенија за најавените реформи

На крајот од протестот беа испорачани осум барања меѓу кои се: хартиените учебници задолжително да останат во употреба, исклучување на родовото сензитивно, етика на религиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, образложение за кратењето на фондот на часови, повеќе услови за инклузија на децата со попреченост, создавање на протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително учество на претставници од групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во Законот.

И пред Општина Штип, родители и наставници денеска го изразија своето незадоволство од најавената дигитализација на учебниците. Билјана Алексова-Даневска наставник и родител вели дека реформата што треба да се воведе не е здрава за физичкото и психичкото здравје на учениците.

-Не е здраво за мозок, рбет, очите и ние како родители, но и јас како наставник не се согласувам. Доволно е тешка онлјан наставата за учениците, имаме паѓање на системот, па кочи компјутерот, а понекогаш пропадне и половина час заради технички проблеми, вели Алексова-Даневска.

Родителите и наставниците кои денеска протестираа на министерката за образование и наука, Мила Царовска и порачаа да седне да разговара со компетентни лица, а какошто велат со водење инат нема напредок, туку во овој случај се прави штета на учениците.