Протести во Куманово – жителите бараат од Димитриевски да го одржи ветувањето за улицата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите од зоната каде општина Куманово се поврзува со Липково денеска протестираа со барање да се асфалтира и санира патот „Трајко Јовановски“. Велат дека оваа улица е уништена и полна со дупки, од каде поминуваат секој ден, но градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не го одржа ветувањето дадено  пред неколку месеци.

-Оваа улица не е санирана од 1982 година, добивме ветување од актуелниот градоначалник, кој ни вети дека доколку го добие следниот мандат, во рок од 4 месеци, да ја  асфалтира оваа улица. Нè праша лично со тимот кога дојде да бара гласови во нашето маало, на стадион што го имаме овде, 4 месеци поминаа, рече доколку го добие мандатот дека ќе ни ја асфалтира улицата, вели еден од демонстрантите.

-Излеговме за да ни ја  поправат улицата, ни вети дека ќе ја средат во рок од 4 месеци. Тој победи и не му е гајле за овој народ што му вети, рече друг граѓанин.

-Сега во вториот мандат сите излеговме и гласавме, сите, но не излажа, сите улички ги средува а нашата ја заобиколува. Тој вели дека ДУИ има врска со тоа, но ДУИ нема врска со тоа. Излеговме како семејства, како луѓе да протестираме и јас нема да го прекинам овој протест. Ако е маж нека дојде да ја види, оти не е ни маж ни ништо, коментираат демонстрантите.

ТВ21 се обиде да добие изјави од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, но тој не одговори на нашите повици. Жителите од оваа населба предупредија дека од понеделник протестите ќе бидат преместени пред општина Куманово.