Протестираа полицајци, пожарникари, просветни и здравствени работници, професионални војници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

-Ножот е во коска, не до коска-порачаа од Конфедерацијата на независни синдикати на денешниот протест пред Влада, барајќи средба со премиерот Заев. Полицајци, професионални војници, здравствени работници, просветни работници, пожарникари, административци сите со свои барања и забелешки за прекршување на работничките права.

-Видовме периодов особено на оваа Ковид ситуација што се случи. Газдите немаат милост спобудалеа од пари, во ваква состојба ги бркаат работниците од работните места.Се дрзнаа дури да ни ја земат улицата. Штрајкуваа комори, штрајкуваа газди, тоа нема да го дозволиме. И извршителите штрајкуваа, уште банкарите остана со милионите со бајракот да излезат напред-вели Марјан Ристески.

Од полиција се жалат дека последниот колективен договор им бил потпишан пред шест години. Бараат и нови униформи, ако не на следниот протест претседателот на независниот синдикат  на полицајците Гоце Делчев  најави дека ќе дојдат по бермуди.

-Без независниот синдикат, без униформата, чизмата и пиштолот нема да им помине, ниту колективен договор, ниту нова систематизација, ниту нешто што го подготвуваат во законот за полиција, а го држат во тајност. Е тоа нема да им го дозволам-вели Гоце Делчев.

Работната група формирана во МВР за Колективен договор ги разгледува предлозите, при што ќе бидат прифатени сите оние кои се оправдани и кои ќе доведат со подобрување на положбата на вработените во оваа институција.

„Обезбедени се близу половина милијарда денари во буџетот, за обнова на униформи и опрема, што е еден од највисоките износи во историјата на министерството, а за вработените во МВР, кои оствaриле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, обезбедените средства за бонус плата, ќе им бидат исплатени во јуни, додека бонус платите за 2017 и 2018 година се веќе исплатени.“, велат од МВР.

Просветните работници пак бараат да им се платат сите работни часови, бидејќи паралелно имаа и он лајн настава и со физичко присуство.  А потсетија и на задоцнетите плати.

-Денеска не сме овде да молиме. Пред повеќе 7,8   месеци и напоменавме на министерката за образование дека платата доцни.Не се исплаќа во законски предвидениот рок. Одлучи да се оглуши на нашите барања-рече Томислав Гиевски.

Нивните забелешки беа упатени до министрите на МВР и МОН, а ги пофалија  сегашниот и поранешната министерка за Правда како и поранешниот и сегашниот  министер за земјоделство Аријанит Хоџа, кој за 30% им ја покачил платата на припаднмиците на шумска полиција.  „Нема правда нема мир“ беше паролата на независните синдикати пред четири години кога пред влада имаа поставено шатори. Па, велат да не ги предизвикуваат да ги вадат шаторите, туку да ги почитуваат работничките барања и права.