Протестот на „белите мантили“ заврши со договор – од март повисоки плати за здравствените работници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Белите мантили повторно протестираа пред МЗ при што побараа исполнување на ветувањето дадено пред неколку месеци, за покачување на платите на здравствените работници.

На протестот претседателот на независниот синдикат за Здравство, Фармација и Социјална заштита, Љубиша Каранфиловски соопшти дека утрово синдикатот се сретнал со претставници од МЗ и се договориле за потпишување на анексот на колективниот договор. Со ова, медицинските сестри ќе добијат покачување од 3 илјади денари бруто и 2 илјади за другиот персонал, јавната администрација, помошниците на техничкиот персонал и лекарите. Покачувањето ќе важи од март а официјално се очекува да се усвои од Министерството за финансии и министерот Фатир Бесими.

Според потпретседателот на синдикатот на Клиничкиот центар, Предраг Серафимовски, ова покачување е задоцнето.

Синдикатите најавија дека нема да застанат тука, велат дека ќе бараат да се покачи и коефициентот на платата. Инаку претходниот министер Беким Сали вети дека платите ќе се покачат во февруари но тоа не се случи.