Проверете пред да купите: Објавен новиот Регистар на е-трговци за поголема безбедност при онлајн плаќања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Онлајн купувањето во земјава бележи континуиран раст, а со тоа се зголемува и потребата од поголема сигурност при електронските плаќања. Токму затоа, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци, преку кој граѓаните можат да проверат дали купуваат од регистрирани и проверени онлајн-продавници.

Според податоците на Народната банка, во текот на 2025 година во државата биле регистрирани 1.829 места на продажба за е-трговија, а 1.396 од нив реализирале најмалку една трансакција и се сметаат за активни согласно методологијата на НБРСМ.

Регистарот на е-трговци претставува единствена и сеопфатна база на домашни онлајн-продавачи што овозможуваат плаќање со платежни картички. Неговото ажурирање се спроведува во соработка со Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка, кои ги процесираат електронските трансакции.

Во процесот на ажурирање, АЕТМ врши проверка, идентификација и категоризација на е-продавниците, обезбедувајќи структуриран преглед на домашниот пазар. Во најновото издание се опфатени 1.374 активни е-продавници распределени во 25 различни категории.

Најголем дел од понудата ја сочинуваат продавници за козметика и производи за убавина, облека и модни додатоци, храна и пијалаци, бела техника и електроника, туризам, веб-услуги и дигитални содржини, едукација, како и производи за домот и градината.

Податоците покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не се базира исклучиво на традиционалните сегменти како мода и електроника. Сè поголемо учество имаат услугите, образованието, туризмот и дигиталните производи, што укажува на развој и диверзификација на пазарот.

Дополнителен показател за напредокот на секторот е растот на вредноста на онлајн-трансакциите. Анализата на АЕТМ, базирана на податоци од Народната банка, покажува дека во 2025 година вкупната вредност на електронските плаќања достигнала 950 милиони евра, што е за 32 проценти повеќе во споредба со претходната година. Од оваа сума, 522 милиони евра биле реализирани кај македонските е-трговци, а бројот на активни места за продажба е зголемен за 84 во однос на 2024 година.

Претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, оценува дека бројките потврдуваат оти е-трговијата продолжува да се развива со стабилно темпо, како по вредноста на трансакциите така и по разновидноста на понудата.

Освен што нуди увид во состојбите на пазарот, регистарот има и важна улога во заштитата на потрошувачите. Бидејќи голем дел од интернет измамите се поврзани со нерегистрирани продавачи, најчесто присутни на социјалните мрежи, граѓаните преку регистарот можат брзо да проверат дали одреден продавач е регистриран правен субјект и дали користи безбеден систем за онлајн-плаќање преку банка.

Истовремено, регистарот придонесува за поголема транспарентност на пазарот и за намалување на сивата економија, додека за самите е-трговци претставува дополнителна потврда за кредибилитет и доверливост пред купувачите.

За потребите на најновото ажурирање, АЕТМ користела и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.