Пред нас е првиот викенд во кој полицискиот час трае 24 часа, односно почна од вчера од 16 часот, и ќе трае до понеделник до 5 часот наутро.
Македонија за прв пат се соочува со ваква ситуација, а тоа го предизвика пандемијата со коронавирусот. Така, Владата минатата недела на седница донесе одлука од средата полицискиот час да се продолжи, па наместо од 21 часот, да почне од 16 часот, а во викендите да има 24 часа полициски час.
Тоа не важи за припадниците на полицијата, војската, лекарските работници, и оние кои имаат специјални дозволи, односно доставувачите на храна. Во сите градови има и дежурни аптеки.
Доколку имате потреба од лекарска помош, тогаш слободно може да се упатите кон најблиската здравствена установа, велат од Владата.
Од вчера па во следните седум дена, лидерите на најголемите политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски се во домашна самоизолација. Тие имале контакт со заразениот новинар од Канал 5, Гоце Михајлоски кој е на болничко лекување.
Тестовите на Мицкоски и на Заев за Ковид-19 се негативни.
