Прва координација на Африм Гаши во Собранието, Законот за реорганизација на министерствата главна тема на средбата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првата координација на претседателот на Собранието Африм Гаши со пратеничките групи измина во суштински разговори и тоа, покрај за идните активности на парламентот, првата пленарна седница на Собранието, како и за законот за реорганизација на министерствата во Владата. Toa ќе биде ѝ прва точка за што ќе расправаат новите пратеници.

Со новиот закон се планира да се формираат две нови министерството и тоа за енергетика и за спорт. Дел од постојните треба да се реорганизираат, како на пример секторот за труд во Министерството за труд и социјална политика ќе оди во Министерството за економија, а оттаму секторот за туризам преминува во Министерството за култура. Министерството за труд и социјална политика пак, станува Министерство за социјална политика, демографија и млади, а пак Министерството за информатичко општество се планира да стане Министерство за администрација и дигитализација.

За промените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство, а што од владејачкото мнозинство се убедени дека ќе ја имаат потребната поддршка.

„Очекувам да нема опструкции, затоа што ова беше испрезентирано пред граѓаните ги кажавме нашите намери и за тоа ја добивме и целата поддршка од граѓаните. Меѓутоа ова е парламент како ќе се однесуваат ќе видиме после денешната координација“, вели Мицевски.

-Сепак е потребно двотретинско мнозинство ќе го имате ли?

„Апсолутно да. Па очекувам дека ќе ја добиеме таа поддршка затоа што го консолидиравме мнозинството, очекувам дека и другите пратеници ќе бидат на нивото на задачата да ги направиме овие промени“, рече Мицевски.

Убеденост дека законот ќе помине има и координаторот на ВРЕДИ Халил Снопче. Не би дале таков предлог доколку немаме информации дека ќе имаме двотретинско мнозинство, вели тој.

„Мислам дека двотретинско мнозинство ќе има за гласање зашто треба да се даде поддршка на новиот мандатар, на новата конструкција, ако идејата на мандатарот е да се направи нова реконфигурација на владиниот кабинет зошто да не се даде поддршка. Фактички тоа е нова конфигурација, нови специфични тежини на нови министерства, поделба, значи тоа е во насока на синхронизација на планот и на реализација на програмските определби на новата коалиција.“, изјави Снопче.

Но од Европскиот фронт велат дека нема да ја дадат нивната поддршка за овој закон. Аријанит Хоџа во денешното издание на Дејли Клик вели дека приоритет се уставните измени потребни за евроинтеграциите.

Ќе ги имаат ли гласовите на Европскиот фронт?

Хоџа: Не, не можат да ги имаат гласовите на Европскиот фронт затоа што 80 гласа се гласовите што треба да го отворат уставот. Гласот на Европскиот фронт не може да наполни 80, без да се отвори уставот на државата и без да се утврдат оние дефиниции што ги имаме од ЕУ, а за тоа подеднакво одговорна е и коалицијата ВЛЕН која потпишала заедничка политичка изјава.

Од СДСМ пак со став дека прво ќе го разгледаат предлог законот па потоа ќе донесат одлука дали ќе го поддржат.

„Дали ќе дадеме поддршка во однос на законите, како што тие го нарекуваат реформа а администрацијата треба тие закони прво официјално да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или неподдршка не може да биде даден. Треба да ги видиме законите, што е тоа што пишува во нив, кој е официјалниот текст и на основа на тоа ќе донесеме заклучок, одлука и на ниво на партија и на ниво на пратеничка група дали ќе бидат поддржани.“, изјави Спасовски.

Инаку, овој закон се очекува да се најде на дневен ред пред пратениците во текот на неделава, бидејќи се наближува крајниот рок, односно 7 јуни кога претседателката Гордана Силјановска Давкова треба да го додели мандатот, а законот треба да биде донесен пред формирањето на новата влада.