Инспекторите на терен во надгледување дали дуќаните и другите фирми го почитуваат Законот за недела неработен ден. Вратите на продавниците кои претходно вообичаено работеа и во недела имаа катанци. Еден од исклучоците се рестораните во кои оние кои денеска не работеа можеа да уживаат на кафе или храна. Од Државниот инспекторат за труд потсетуваат дека од оваа недела започнува примената на Законот за недела неработен ден и ги повикуваат работниците да пријават доколку тоа не се почитува.
„Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи да пријават во Државниот инспекторат за труд“, велат од Државниот инспекторат за труд.
Во инспекциски надзор се и од Пазарниот инспекторат. Директорката Анета Симеска Димоска во изјава за ТВ21 вели дека од рано изутрина инспекторите се во обиколка на дуќаните и фирмите. Но дали за оние кои ќе се фатат дека работат ќе има само опомена со оглед дека е прва недела како неработен ден или ќе има казни Симоска вели, мора да се почитува законот.
„Согласно Законот за трговија во моментот не е предвидено по основ на овој вид на прекршување на Законот не се предвидени опомени или други мерки и секако инспекторите ќе имаат во предвид. Ние, пред се работиме превентивно и едукативно, зависно од ситуацијата, меѓутоа за сите оние кои што, ако се утврдат прекршоци следуваат и прекршочни санкции односно глоби кои што се предвидени согласно законот за ваквиот тип на прекршок“, вели Анета Симеска Димоска.
Работодавачите кои нема да го почитуваат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Симеска потсетува дека казните за прекршителите на законот се високи
„Зависно од видот на трговецот се движи од 800 евра до 10 илјади евра за правните лица и 50 евра до 500 евра за одговорното лице во правното лице и за трговец поединец таа изнесува од 150 до 250 евра, со тоа што трговец поединец денес има право да работи доколку работи сопственикот“, посочи Анета Симеска Димоска.
Со законот не се опфатени работниците од 41 дејност За синдикатите законот генерално е прифатлив, но имаат забелешки дека се потребни поголеми заштитни механизми за работниците.
