Прва оставка во Владата на Ковачевски, дали следува и мини реконструкција?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оставката уште претпладнето е пратена по службите и таа ќе се достави до Архивата на Владата, одговори за ТВ21 Горан Милевски сега веќе министер во оставка, кој претходно најави и дека ќе се повлече од претседателската позиција на ЛДП. Неговото заминување од политиката, како што објаснува е од лични причини. Ова е прва оставка на министер во владата на Ковачевски. За нов министер за локална самоуправа се споменува Ристо Пенов за што веќе од партијата се водат разговори со него за прифаќање на министерската функција. По заминувањето на Милевски се погласни се најави за можна мини реконструкција на Владата. Од СДСМ велат дека за тоа дали ќе има реконструкција ќе одлучи Владата.

„Сметам дека во Владата навистина има капацитет, доколку има одреден простор за одредени министри заменици министри или било кој чинител дека треба дополнително да се вложи напор или доколку оценат дека навистина не се задоволни од работата на било кој министер, тоа останува сепак да биде решение на Владата.“, вели Марија Георгиевска од СДСМ.

Од Владата за ТВ21 велат дека воопшто не се размислува за било каква реконструкција.

„Владата во моментов е целосно фокусирана на реализација на програмата и задачите што се во насока на натамошно справување со последиците од глобалната криза, јакнење на стандардот на граѓаните, раст на економијата и остварување на надворешно-политичките цели.Паралелно Владата постојано работи и на унапредување на своите капацитети за постигнување на целите.“, велат од Владата.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека според нив било каква реконструкција не би значело ништо ново и подобро, туку дека единствен излез се предвремени избори.

„Во ова време граѓаните мислам дека апсолутно не се заинтересирани дали и кој од оваа лепена коалиција би било нов или старо-нов министер. Не гледам дека со било каква реконструкција на Влада, минимална или не знам каква дека можат да најдат спас од кризава во која што тие не воведоа. Единствен спас за нас е само да се откажат и конечно самите да предложат да се оди на предвремени парламентарни избори“, рече Дафина Стојановска.

Се погласните најави дека во евентуалната мини реконструкција на Владата би можеле да си заминат актуелните министри за здравство и информатичко општество Беким Сали и Адимирим Алити кои се од редовите на Алтернатива. Претседателот на партијата Африм Гаши ги негира ваквите информации.

„Нашите министри Беким Сали и Адмирим Алити се едни од најуспешните министри во целата Влада. Таа функционира нормално и не гледаме никаква причина за отворање на вакви теми.“, вели Гаши.

Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски веќе осми месец го тера својот мандат и за сега ова е прва најава дека е можна некаква реконструкција.