Први пратенички прашања од новиот состав: Пратениците од Европскиот фронт со транспаренти пред премиерот Мицкоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Да Европа, Не Русија“, „Без етничка припадност, нема охридски договор“, „Рацете подалеку од албанскиот јазик“. Со овие транспаренти пратениците на Европскиот фронт излегоа пред говорницата каде премиерот одговараше на прашањето на Блерим Беџети за тоа дали по одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија алтернативата на земјава е Русија?

Инаку Беџети го постави прашањето и околу донесувањето на одлуката на Уставниот суд за Балансерот, но и претстојната расправа за законот за јазиците. Беџети обвини дека Мицкоски има директно влијание врз судот на што тој врати дека Уставниот суд е избран токму од ДУИ и од СДСМ.

-Сега се реализира програмата на ВМРО, се демаскира и вашиот упад во Уставниот суд каде што вие сами најавивте уште колку члена ќе бидат укинати, овде станува збор за Законот за употреба на јазиците каде што Европскиот фронт бараат одговорност за сите овие дејства кои задираат на етничките односи. Под вашите наредби Уставниот суд одлучи за тоа за кое вие сте ангажирани во вашата партиска програма, изјави Блерим Беџети од Европски фронт.

-Мислев дека се шегувате. Кога ќе го види човек составот на Уставниот суд, мислев дека е ова некоја првоаприлска шега, погледав 31 октомври е. Вие велите дека ВМРО-ДПМНЕ прави притисок? Па сите тие судии се избрани со мнозинството кое што е сега во опозиција, ДУИ и СДСМ. Сите, сите судии се така избрани, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Прашање до премиерот Мицкоски упати и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој за случајот со директорот на АНБ Бојан Христовски излезе на говорница со документи со кои тврдеше дека тој не ги исполнува условите за најмалку 5 години работно искуство во професијата а има и фалсификуван сертификат за англиски јазик.

-Со малку математика може да се оспори и главниот услов за неговото назначување а тоа е 5 години стаж на раководни позиции, согласно законските услови. Ни тој услов не го исполнува вашиот партиски кадар. Медиуми од Македонија и Бугарија веќе покажаа дека Христовски нема ниту вистински документ за соодветно познавање на англиски јазик. Документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема центар за полагање ТОЕФЛ сертификат, изјави Венко Филипче од СДСМ.

Мицкоски возврати со иста мерка. И тој излезе на говорница со сертификати од функционери од претходната власт на СДСМ за кои тврдеше дека се фалсификувани.

-Еве вака сега ќе ви дадам еден сличен таков сертификат од личноста што седи до вас. Знаете колку има такви сертификати? Ги гледате овие сите? Еве нема да ги вадам еден по еден. Сакате да ги вадам еден по еден? Еве нема да ги вадам. Сакате за директорите кои што ги назначи СДСМ сертификатите да ги видите? – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Оливер Спасовски пак постави прашање за бугарското државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска, на што Мицкоски одговори дека таа е поголема Македонка од сите нив.