Првите туристи слетаа во Охрид, дождот не ги спречи Холанѓаните да ги почнат одморите во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првите туристи во Охрид не ги запра ни дождот.

На охридскиот аеродром утрово слета првиот авион со туристи од Холандија. 180 туристи од Амстердам дојдоа во Охрид на 7 дневен одмор.

Холанѓаните традиционално важат за омилени гости во Македонија, а нивниот интерес да летуваат на брегот на Охридското Езеро расте.

„Доаѓаме за прв пат, ја видов Македонија и сметам дека е интересна дестинација.“

„Доаѓам по четврти пат за да го поминам летото во Охрид, многу сме задоволни со природата.“

„Многу ми се допаѓа природата, сончевото време, храната, виното.“, велат туристите.

Статистиките за оваа сезона покажуваат дека веќе има раст на бројот на туристи од Холандија за 22% во првите три месеци за разлика од 2019 година која се смета за најдобрата година за туризмот.

Годинава во текот на неделата ќе има 4 лета од Холандија и две од Велика Британија во охридскиот аеродром.

„Во текот на сите овие години, Македонија била интересна дестинација за холандските туристи и во текот на Ковид19 периодот. Денеска е првиот лет и со гордост велам дека Македонија е убава и се надевам дека годинава ќе ги постигнеме бројките на 2019 година, која беше една од најдобрите години што сме ги имале.“, вели Ариане Керс, генерален директор на холандските агенции.

Според предвидувањата на агенциите, годинава од туризмот се очекуваат 3.2-3.3 милиони сместувања и над 5 милијарди долари директни приходи во домашната економија.