Прво избор на нашата Влада па преговори со Бугарија – Османи: Очекувам конструктивни разговори и брзо деблокирање на процесот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Интензивирање на разговорите Бугарија – Македонија се очекува во втората половина на јануари, откако ќе биде избрана новата македонска Влада. Ова го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој истакна дека  очекува нормализираат преговорите.

„Се разбира дека целта на посетата, односно на таа средба е враќање на  односите во еден нормален европски, евроинтеграциски колосек, враќање на довербата и заеднички ангажман во надминување на овој предизвик пред кој нашите односи се соочени. Очекуваме конструктивни разговори со новата Влада во Република Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања кои што ги имаме на маса и брзо деблокирање на процесот и тоа е за нас најважно“, посочи Бујар Османи.

Франција која од први јануари го презеде претседателството со Европската унија најавува иницијатива за решавање на бугарско-македонскиот спор. Претседателот Емануел Макрон минатиот месец истакна дека Европа нема да постигне мир во следните 50 години доколку го остави Западниот Балкан како што е сега. И францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер истакна дека е можно Макрон да преземе чекори за олеснување на преговорите меѓу Бугарија и Македонија. Османи вели дека по формирањето на Владата и официјално ќе биде воспоставена комуникација со Франција како актуелен претседател со Унијата.

„Првично беше договорено овие денови да се реализира таа средба, но сепак одлучивме дека таа средба треба да се реализира после формирањето на новата Влада кај нас односно во втората половина на јануари каде што ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација која што и сега во меѓувреме постои, меѓутоа за да се утврдат француските планови и позиции во однос на нивниот ангажман во овој процес“, додаде Бујар Османи.

Специјалниот претставник на македонската Влада во преговорите со Бугарија Владо Бучковски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека го охрабрила изјавата на новиот бугарски премиер Кирил Петков дека не можат да се занемарат македонските црвени линии.

„Ќе се продолжи таму каде што се стигна, а тоа е отворен дијалог за пакетот понуден од бугарската страна пет плус еден. Тоа што мене ме храбри е интервјјуто на премиерот Петков во кое што споменува дека треба и мора да се почитуваат и македонските црвени линии кои се преточени во Резолуцијата која беше усвоена во нашиот парламент“, вели Владо Бучковски.

Вчера и бугарскиот премиер Петков рече дека укинувањето на ветото е работа што мора да ја направат и македонската и бугарската страна и да се постигне напредок во сите важни точки. Тој ова го изјави во интервју за бугарска телевизија во која изрази надеж дека добрососедството треба да биде водечко, но дека тоа бара многу работа од двете страни.