Со протест и со вртење на грбот кон пратениците и Владата во знак на револт бидејќи не се зголеми минималната плата на 500 евра, Сојузот на синдикати на Македонија го одбележа 1.мај, Денот на трудот. Први на критика беа пратениците кои не сакаат да го изменат Законот за минимална плата и таа да биде 500 наместо сегашните 400 евра, ако од друга страна земаат високи патни трошоци и плати и добија покачување од 79 насто.
„Луксузот ваш е од трудот наш! Ве молам, макар и симболично, да им го завртите сите грбот како што им го вртам ја, за да почувствуваат како е кога работник ќе ви заврти грб.“, порача Слободан Трендафилов.

Колоната незадоволни работници се движеше од пред зградата на ССМ, до Собранието, па до Стопанската комора за да заврши пред владата. Синдикалните лидери кои се дел од гранковите синдикати во ССМ, но и неколку лидери од други синдикати кои дадоа поддршка на протестот упатија остри пораки до Владата, пратениците, до работодавачите и сопствениците на фирмите.
„Овие позади, ќе го поправам колегата, не се работодавачи. Овие се газди безкичмењаци кои што 30 години ни ја пијат крвта со памукче и на кои, што 500 евра за нас се многу, а сега во Грчка на викенд 5.000 евра им се малку. Ова не е за уа, ова е за секој ден, цел ден да сме тука на улица додека не ни покачат плата.“, вели Иван Пешевски.

„Ме радува овде што има доста млади синдикалци и што верувам дека во наредниот период ќе ја продолжат нашата мисија и ќе бидеме тоа што сме на ниво како до сега. Затоа уште едно големо уа за овие работодавачи, да се знае кој е кој во оваа наша напатена Македонија….“, вели Игор Герасов.
Протестот заврши пред Владата, каде што беше побарано освен зголемување на минималецот, почитување на колективните договори и зголемување на сите плати за 100 евра, се побара и враќање на надоместокот за храна и за превоз, исто како што го имаат и пратениците. Од ССМ велат дека не се откажуваат од барањата и ако не им се исполнат во иднина ќе има и помасовни протести.
На денешниот протест немаше сендвичи за присутните, но и очекувано, бидејќи вчера тоа го најавија не беа ниту членовите на Конфедерацијата на слободни синдикати.
