Сојузот на синдикати на Македонија ги повика и работниците од приватниот сектор да се приклучат на протестите на 1. мај, кога од владата и од работодавачите ќе се побара минимална плата од 500 евра и зголемување на платите во сите сектори. Од Синдикатот велат дека иако е истечен, мора да се почитува Општиот колективен договор за приватниот сектор и платата да се утврдува врз формулата минимална плата, помножена со коефициент за одредено работно место. Затоа според ССМ, важно е минималецот да биде 500 евра.
„Во овие трудоинтензивни дејности од приватниот сектор не треба да има плати помали од 50 и 60 илјади денари. Ова наше барање се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор, особено оние кои пред некој ден се изјаснија дека нема квалификуван кадар. Уште повеќе ќе недостасува кадар доколку не ги зголемите платите. Со сета почит кон одредени работодавачи коишто почитуваат се од Закон и Колективен договор и овие проблеми се одамна надминати, но тоа е сосем мал процент од вкупниот број вработени.“, вели Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватен сектор.

Пешевски вели дека се повеќе вработени од приватниот сектор бараат правна заштита бидејќи не им се почитуваат нивните работнички права.
„За овие вработени, покрај вработените од јавниот сектор, ССМ има поднесено низа пријави и обезбедено бесплатна правна помош, особено засегнати во делот на неосновано намалени или воопшто неисплатени плати во законски рок, неисплатен регрес за годишен одмор, неосновано и неисплатени додатоци на плата како минат труд и така натаму. За потсетување, само во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добија 12.234 работници кои се обратија до ССМ и синдикатите здружени во ССМ.“, рече Пешевски.

Од ССМ порачаа работодавачите и владата да почнат вината да ја барат во своите редови, а не во работниците, бидејќи ќе сме останеме и без тие работници кои се уште даваат се од себе да се прехранат себе и своите семејства во Македонија.
