Четворица жители на селото Добри Дол, општина Врапчиште, се осомничени дека предизвикале општа опасност откако на свадбена прослава пукале со огнено оружје.
По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „Предизвикување општа опасност“ од член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, инцидентот се случил на 31 јули вечерта, во дворно место од семејна куќа во селото Добри Дол, каде што се одржувала свадбена прослава. Осомничените, како што се наведува, употребиле три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар, со кои пукале во воздух.
Со ваквите дејствија, тие ги довеле во опасност животите и безбедноста на поголем број присутни гости на прославата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот суд Гостивар доставил предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, поради постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство.
Како дополнителна причина е наведено дека едниот од осомничените, покрај македонско, има и словенечко државјанство.
