„Пуст остров, каде луѓето се болни, а нема ни лекари, нема ни лекови….“ – таква е состојбата со обвинителството денес, вели Лидија Раичевиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството денес е како пуст остров на кој луѓето се болни, а нема ниту лекари, ниту лекови. Вака кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Лидија Раичевиќ, ја опиша состојбата во правосудството, гостувајќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Одговарајќи на прашањето зошто се кандидира за оваа функција, Раичевиќ истакна дека обвинителството е изложено на бројни притисоци, напади и сериозни обвинувања, поради што се соочува со предизвикот да го врати својот авторитет и дигнитет.

„Замислете си еден пуст остров, малку оддалечен од копно, и на него луѓето се болни, а нема ни лекари, нема ни лекови. Отприлика таква е состојбата со обвинителството денес, изложено на различни атаци, на притисоци, на сериозни обвинувања“, рече Раичевиќ.

Според неа, клучното прашање е дали обвинителите имаат доволно капацитет и сила самостојно да ја надминат ваквата состојба и повторно да ја изградат довербата во институцијата.

„Дали ќе можат овие луѓе, кои се така измачени од болест, без лекување и без лекови, самите со својот капацитет да си помогнат и да се излечат, да си го вратат својот авторитет, да си го вратат местото во општествениот систем, да си го вратат дигнитетот и така заздравени да се впуштат во борба со криминалот? Тоа е мојот мотив“, нагласи таа.

На прашањето кој е лекарот, а кој лекот во нејзината споредба, Раичевиќ посочи дека обвинителството мора да најде решение во сопствените редови.

„Немаат лекови. Пуст е островот. Тие самите, со сопствени сили, од свои редови, од своите луѓе, мораат да се воздигнат над таа ситуација и да дадат знак и да покажат што значи обвинителството како дел од системот“, истакна Раичевиќ.

Таа порача дека враќањето на институционалниот авторитет и успешната борба против криминалот претставуваат сериозен предизвик, но и главен мотив за нејзината кандидатура.

„Тешка е таа борба, ама предизвикот ни е уште поголем“, заклучи Раичевиќ во „Клик Плус“ на ТВ21.