Работите на автопатот ја уништија улицата во Крушино – надлежните институции повторно со ветувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повеќе од 5 години  локалниот пат на рекреативниот центар Крушино, кој води и до кичевското село Кнежино, е раскопан  и неасфалтиран.

„Патот Кичево-Крушино, кој е многу фреквентен  поради рекреативно-спортскиот простор кој се наоѓа на врвот, и натаму е во иста состојба речиси 5 години. Овој пат беше раскопан кога почнаа градежните работи на автопатот Кичево-Охрид и оттогаш остана таков. ТВ21 неколку пати известуваше за состојбата на овој пат, добивме ветувања за негова реализација, но досега ништо не е преземено“, вели репортерката на ТВ21.

ТВ21 го контактираше ЈП „Државни патишта“, а оттаму велат дека се подготвува техничка документација за реконструкција на овој дел од патот.

„Со изградбата на Автопатот А2, делница Кичево – Охрид, подделница Кичево Подвис дојде до појава на свлечиште на локалниот пат што води кон Крушино. ЈПДП изработи техничка документација за локалниот пат и во моментот се одвиват припремни и земејни работи за негова изградба“, велат од државни патишта.

Во меѓувреме, од компанијата Гранит, која ги изведува градежните работи на овој дел од автопатот, за ТВ21 изјавија дека од следната недела ќе почнат со работите за санирање на патот.

„Решен е проблемот што го имавме со документацијата и дрвјата и за неколку дена ќе почнеме со работа штом шумарите го отворат патот“, велат од компанијата Гранит.

Овој пат  многу го користат  мештаните кои се занимаваат со разни спортови, но и од семејства кои излегуваат на излети. Но, веќе 5 години дел од овој пат е раскопан и оставен во таква состојба. Тоа го отежнува движењето на возилата, особено сега во есенската и зимската сезона.