Министерството за правда го објави списокот на членовите на работната група кои ќе работат на уставните измени. Списокот е составен само од партиите на власта, како и од институции, додека од опозицијата нема ниту еден претставник. Иако претходно опозициската Беса најави дека ќе делегира свој претставник сепак вчера донеле одлука да не учествуваат. Во работната група ќе членуваат
ЧЛЕНОВИ НА РАБОТНА ГРУПА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ:
Цветанка Иванова од СДСМ
Арбр Адеми од ДУИ
Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците
Соња Мираковска од НСДП
Нано Ружин од ЛДП
Христа Најданов од ДОМ
Темелко Ристески од Партија на пензионери
Раметула Куќи од ДПА
Еран Куртиш од Партија за движење на Турците
и Бејџан Илјас од Демократска партија на Турците
Од предлозите пристигнати од институциите членови се
Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на државата
Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања
и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.
Од Министерството за правда велат дека експертите кои ќе бидат дел од работната група ќе бидат познати до крајот на неделава.
„Откако ќе се подготват измените предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.“, велат од Министерството за правда.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Министерството за правда свикува работни групи кои не се во нејзина надлежност. Ова е работа на Собранието и за ова треба да се формираат работни групи во парламентот вели Ели Панова пратеник од оваа партија, која рече дека нема да учествуваат ниту во овие работни групи.
„Ова е работа на Собранието и доколку има било каква потреба треба такви групи да бидат формирани во рамките на веќе со Деловник и со закон воспоставена пракса. Ние нема да учествуваме во работните групи и се разбира дека натамошната процедура за да се отвори Уставот требаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. А, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во ваквата процедура за отворање на Уставот во овој пратенички состав без претходни избори.“, вели Панова.
Од ВМРО-Народна велат дека уставните измени треба по поскоро да дојдат во Собранието.
„Уставните измени ВМРО-Народна партија ги поддржува и ние дури во разговори на ниво на коалицијата инсистиравме што побргу да бидат ставени на дневен ред, што побргу да бидат донесени во Собранието па да видиме кои се против кои се За уставните измени.“, изјави Љупчо Балковски.
Премиерот Ковачевски вчера ги повика сите политички партии и нивните лидери да дадат свој придонес на патот на земјава кон Европската унија.
