Работен ангажман во селото Елшани завршил трагично за 48-годишен жител на охридското село Лескоец, кој го загубил животот по пад од бандера.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена вчера во 14:40 часот во СВР Охрид.
Н.К. (48), кој бил вработен во телекомуникациска компанија, во моментот на несреќата извршувал работни задачи во селото Елшани, при што паднал од бандера.
На местото веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош, чиј лекар констатирал смрт. Работникот починал на лице место.
По несреќата, на местото бил извршен увид од јавен обвинител, трудов инспектор и полициски екипи.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои дошло до трагичниот настан.
