Работниците на „Тетекс“ протестираат – 2 месеци не добиле плата! Приведен еден од менаџерите на компанијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Околу 30 работници на фабриката Тетекс, во текот на денешниот ден протестираа поради тоа што се уште не земале плата за месец февруари и март. Тие велат дека на 3 март потпишале договор за три месеци, а на 9 март, договорот им е сменет и важи до крајот на март.

Вработените кои протестираа велат дека сопствениците на фабриката се од Бугарија. Според работниците тие ги земале главните машини и си заминале.

Не беше дозволено новинарите да влезат во фабриката, а менаџерката Сузана Маневска, не одговори на телефон.

Од СВР Тетово велат дека во текот на денешниот ден е приведен бугарски државјанин П. И. а тој исто така е и менаџер на компанијата.

„Полициски службеници на СВР Тетово во Тетово го лишиле од слобода П.И.(56) од Република Бугарија, кој непријавено престојувал на подрачјето и кому во јануари годинава му истекла важноста на неговата лична карта за странци. Бугарскиот државјанин задржан е во Полициската станица Тетово и во текот на денов ќе биде предаден на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка“, се вели од СВР Тетово.

Во фабриката Тетекс Јарн се вработени 160 лица. Вработените кои протестираа денеска велат дека ќе протестираат се додека не ги добиваат платите  и дека за овој случај го известиле и Хелсиншкиот комитет и Инспекторатот за труд.