Бугарскиот премиер Румен Радев порача дека Софија нема да одобри продолжен престој на американските воени авиони на аеродромот „Васил Левски“ доколку САД не покажат напредок во процесот за укинување на визите за бугарските граѓани.
На почетокот на седницата на Советот на министри, Радев изјави дека бугарската влада ќе ги преиспита параметрите на дозволата за присуство на американските воздухопловни сили во земјата. Станува збор за авионите на САД стационирани на софискиот аеродром, кои првпат беа јавно забележани во февруари годинава како дел од активностите поврзани со засилената будност на НАТО.
„Целосно ја разбирам сложеноста на регулаторните процедури и потребата од време. Но, и ние имаме свои приоритети и процедури и не можеме позитивно да одговориме на барањето за долг престој на авионите-цистерни на аеродромот во Софија“, изјави Радев.
Тој потсетил дека на неодамнешна средба со американскиот претседател побарал укинување на визите за бугарските државјани, но дека досега не добил позитивен одговор од Вашингтон.
Радев рече дека Бугарија ќе го продолжи престојот на американските авиони само до крајот на јуни, со цел да им се овозможи на сојузниците време да ги приспособат своите операции и да пронајдат алтернативни локации.
Американската амбасада во Софија уште во февруари испратила дипломатска нота со барање за распоредување до 15 воени авиони на аеродромот „Васил Левски“ во периодот од 17 февруари до 31 мај. Бугарското Министерство за одбрана тогаш соопшти дека станува збор за логистички летала без ударни функции, меѓу кои се авионите KC-135 Stratotanker, C-130 Hercules и C-17 Globemaster III.
Дозволата за нивно распоредување ја одобри владата предводена од Росен Жељазков, а според бугарските власти, леталата се користат за поддршка на операциите на НАТО во регионот.
Изјавата на Радев претставува досега најдиректно поврзување на американското воено присуство во Бугарија со долгогодишното барање на Софија за вклучување на земјата во американската програма за безвизно патување.
