Проверка на истрагите што ги надминале законските рокови, анализа на активните предмети и директна комуникација со обвинителите и Министерството за внатрешни работи. Ова се првите чекори што кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Лидија Раичевиќ, најави дека би ги презела доколку биде избрана на функцијата.
Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Раичевиќ одговори на прашањето кои три конкретни работи би ги направила во првите 100 дена од мандатот.
„Првата работа е да се видат предметите кои траат во истраги подолго од предвидениот законски рок, доколку такви има. Второ, исто така истрагите кои се во рок, но како се спроведени и на каков начин“, изјави Раичевиќ.
Како трет приоритет, таа го посочи директниот разговор со обвинителите за да добие целосен увид во предметите по кои се постапува, но и во оние што сè уште не се обработени.
„Трето, собирање на колегите кои работат таму за да ми реферираат за предмети кои ги поседуваат, а не се воопшто обработени, и кои се причините за тоа“, рече Раичевиќ.
Иако од неа беа побарани три приоритети, таа наведе и четврти – итна средба со министерот за внатрешни работи и раководните структури во МВР задолжени за организиран криминал.
„Веднаш средба со министерот за внатрешни работи, со надлежните раководители во Министерството за внатрешни работи за организиран криминал, за да ми направат пресек за организираниот криминал, податоците за актуелните предмети кои постојат во моментот“, истакна Раичевиќ.
Со ваквиот пристап, Раичевиќ најавува дека првите 100 дена би ги посветила на утврдување на реалната состојба со истрагите, причините за евентуалните застои и координацијата со полицијата во борбата против организираниот криминал.
