Ракометниот клуб Охрид денеска ќе го одигра првиот финален натпревар во ЕХФ Европскиот куп, со што се наоѓа на чекор до најголемиот успех во клупската историја. Македонскиот претставник зад себе има импресивна европска сезона во која забележа девет победи и само еден пораз – во полуфиналната пресметка против Цеље – и заслужено обезбеди место во големото финале.
Противник на охриѓани е силната унгарска екипа Татабања, за која настапува и македонскиот репрезентативец Филип Талески.
Тимот предводен од тренерот Борис Ројевиќ уште од вчера престојува во Унгарија, каде што го одработи и последниот тренинг пред натпреварот. Сепак, Охрид во пресрет на финалето има кадровски проблеми поради повреди, а најголем хендикеп ќе биде неиграњето на бековите Петриќ и Борозан.
И покрај проблемите со составот, во охридскиот табор владее оптимизам дека тимот може да направи историски резултат и да се доближи до европскиот трофеј.
Натпреварот во Татабања започнува во 17 часот, додека реванш финалето е закажано за 31 мај во Охрид.
