Рамадани: Го затекнав договорот со Енергоинвест и Кончар, немаше активности, а проблемите почнаа од експропријацијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во август 2021 година, беше поставен првиот камен-темелник за трафостаницата Охрид во Мешеишта. Главни актери на церемонијата беа тогашниот премиер Зоран Заев, владини министри и директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани. Но, зад церемонијата, проектот се соочуваше со бројни пречки.

Застој во експропријацијата и притисоци од изведувачите

Ева Шуклева, директорка на МЕПСО од 2019 до 2020 година, за „Бизнис 21“ изјави:

„Договорот се потпиша мислам во февруари беше, после тоа почна ковид кризата и се беше отежнато. Значи цела година во суштина се работеше он-лајн состаноци. Секако на терен не можеше да се започне затоа што тоа беше и планиран период за ускладување на техничката документација. И покрај тоа што МЕПСО имаше градежна дозвола, односно основен проект, проектот имаше доста недостатоци и тие недостатоци мораа да се отклонат. И Кончар и Енергоинвест препроектираа. Значи заедно со тимот кој што во тоа време ја водеше, проект менаџерите кои што ги водеа проектите прагматично дојдоа до решение, техничко решение за како, иако беше склучен договор како да стигнеме до добри проекти и друго не можеше да се работи таа година. Уствари не беа исполнети услови да се работи, не само ковидот него еден од условите е предавање на техничка документација по која што може после да се изведува.“

Прашавме дали додека таа е на чело на државната компанија, МЕПСО одобрил фирмата на Нефи Усеини да биде подизведувач на Енергоинвест?

„Имаше временски период кога компаниите требаше да достават подизведувачи предлози, затоа што референците за подизведувачите беа дефинирани во тендерската документација. Кончар имаше доставено предлог за електромонтажни и за градежни работи. Електромонтажните работи компанијата која што ја имаа доставено им беше одобрено, градежни работи не им беше одобрено од работната група затоа што не ги исполнуваа условите кои што беа во тендерот, а Енергоинвест сеуште немаше доставено предлог подизведувач.“

Шуклева потврди дека изведувачите „Кончар“ и „Енергоинвест“ барале зголемување на цените поради пандемијата и енергетската криза. Но, таа инсистирала дека договорите се јасни и не дозволуваат анекси:
„Пишува дека проектот е ’клуч на рака‘, а цената е фиксна. Короната и војната во Украина не беа оправдување.“

Рамадани: Проблемите со „Енергоинвест“

Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО од декември 2020 до декември 2021 година, изјави дека уште тогаш бил свесен дека „Енергоинвест“ нема капацитет за проектот:

„Компанијата немаше доволна инфраструктура – само мала канцеларија и телефон на кој никој не одговараше. Бев принуден да го повикам раководството од Сараево.“

Рамадани истакна дека поради нерешената експропријација, не можел да го раскине договорот со „Енергоинвест“, но доколку бил во можност, би ја активирал банкарската гаранција од 1,5 милиони евра.

Улогата на подизведувачите

Според МЕПСО, подизведувачката компанија на бизнисменот Нефи Усеини била ангажирана од „Енергоинвест“ во ноември 2021 година, непосредно пред разрешувањето на Рамадани. Новото раководство на МЕПСО посочи:

„Односите меѓу главниот изведувач и подизведувачите се интерна работа и не се под надлежност на АД МЕПСО.“

Одговорностите и неизвесноста

Иако неколку директори се соочуваа со предизвици, проектот остана во застој. Прашањата за раскинување на договорите, активирање на гаранциите и транспарентноста на подизведувачките договори остануваат отворени.