„Рано е за избори“ – „воопшто не разговараме за избори, сè уште се бориме со вирусот“, вели Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Воопшто не сме дискутирале ниту пак сме размислувале за одржување избори, бидејќи и натаму сме фокусирани на справување со вирусот Ковид 19, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека во овој момент ситуацијата е се уште иста, се уште сме во вонредна состојба и затоа не може воопшто да се мисли за некакво организирање на изборите.

„Апсолутно сметам дека е премногу рано за било какво друго дополнително олабавување на мерките и согласно тоа било каква организација на настан како што се на пример изборите. Фокусирани сме на тоа како сега ќе се почитуваат мерките па фокусирани ќе бидеме овие следни ден до два како ќе биде организиран следниот викенд, значи апсолутно е се уште рано да предвидиме било што такво“, изјави Министерот за здравство, Венко Филипче.

Прашањето за можно одржување на одложените избори, се наметна во јавноста откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од шефот на државата Стево Пендаровски да закаже лидерска средба. Неофицијално Мицкоски на оваа средба ќе дојде со предлог за што поскорешно одржување на изборите и дека како термин е можен јуни или јули. Од Кабинетот на претседателот Пендаровски известија дека таа ќе се одржи кон средината на мај.

„Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот. На средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори“, велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Од СДСМ вчера го отфрлија предлогот и рекоа дека сега не е време да се разговара за избори и дека за нив останува приоритет здравјето на граѓаните и санирање на економската криза. Од ДУИ пак со став дека има потреба од лидерска средба на која сите одлуки треба  да бидат донесени со консензус.