Премиерот Христијан Мицкоски очекува реалниот раст на БДП оваа година да биде меѓу 3,5 и 4 проценти. Тој рече дека задолжувањата на Владата во овој период се наменети за отплата на старите долгови и за финансирање на капитални инвестиции.
Според него, земјава има една од најниските стапки на инфлација во Европа, додека растот на БДП и на индустриското производство претставува позитивен показател за економијата.
„Сите задолжувања се за проекти како овој, за отплата на старите долгови, еврообврзниците. Оваа година имаме еврообврзница од 700 милиони, следната година од 500 милиони, во 2028 година повторно од 700 милиони. Имаме камати и буџетски дефицит за реализација на капиталните инвестиции, а ова се тековни расходи. Но, важно е тоа што имаме една од најниските стапки на инфлација во Европа, раст на БДП и раст на индустриското производство, што вчера го објави Државниот завод за статистика. Ова е еден од ретките примери во Европа.“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски потсети дека економијата на Македонија во 2024 година пораснала за 3 проценти, а во 2025 година за 3,5 проценти. Според него, Владата очекува реалниот раст на БДП да продолжи и оваа година и до крајот на годината да достигне меѓу 3,5 и 4 проценти, додека номиналниот раст да биде околу 8 проценти.
„Оваа Влада беше избрана на 23 јуни 2024 година, а 2024 година ја завршивме со реален раст на БДП од 3 проценти, додека номиналниот раст беше приближно два и пол пати поголем, околу 7 проценти, и бевме во горната половина на европските земји. Минатата година, 2025, ја завршивме со раст на БДП од 3,5 проценти, додека номиналниот раст беше над 8 проценти и бевме меѓу пет-шесте водечки земји во Европа. Оваа година планираме до крајот на годината растот на БДП да биде меѓу 3,5 и 4 проценти, што значи дека овој континуиран реален раст на БДП ќе продолжи, додека номиналниот раст ќе биде околу 8 проценти.“, вели Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека растот од 3,4 проценти на индустриското производство во вториот квартал е показател дека економската состојба во земјава е стабилизирана. Тој нагласи дека ова е особено значајно во услови кога европската економија расте со помалку од 1 процент годишно, додека Европската Унија останува најголемиот трговски партнер на земјава.
