Владата ќе интервенира со дополнителни мерки по континуираниот раст на цените на горивата, најави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, се анализира дали мерките ќе бидат таргетирани или општи, како што беше случај и во минатото.
-Ние ја следиме состојбата. Како Влада веќе донесовме мерка со намалување на дел од акцизите за бензините и за дизел горивата. За жал, цената на берзите расте. Денеска повторно се доближува до психолошката граница од сто долари за барел. Воените дејства во Заливот се зажестуваат, се интензивираат, вели премиерот Христијан Мицкоски.
На прашањето дали постои можност за намалување на ДДВ за горивата, Мицкоски изјави дека и тоа е една од алтернативите, иако не е најпосакуваната поради влијанието врз буџетските приходи.
-Да, се разбира, и тоа е една од опциите, тоа е можеби најмалку посакувана опција од аспект на тоа дека сите денеска зборуваат за расходите од буџетот, а никој не зборува за приходите. Намалувањето на ДДВ-то би било директно на приходите, но нас нѝ е важен стандардот на граѓаните. Ние сакаме како Влада, секогаш кога е потребно, на граѓаните да им излеземе во пресрет, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на бензинот се зголеми за 3 денари, а на дизелот за 6 денари по литар. Следствено, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по цена од 90,00 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 92,00 денари за литар, додека дизелот чини 94,00 денари за литар.
