Растат цените на нафтата, Иран го условува повторното отворање на Ормускиот Теснец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на нафтата денеска забележаа раст, откако условите што ги постави Иран за повторно отворање на Ормускиот Теснец предизвикаа загриженост дека прекините на глобалните енергетски пазари би можеле да траат подолг период.

Цената на референтната сурова нафта „Брент“ со испорака во октомври се зголеми за 1,09 отсто, на 84,46 долари за барел, додека американската нафта „Вест Тексас Интермедијат“ (WTI) со испорака во септември поскапе за 0,84 отсто, на 78,84 долари за барел.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи вчера изјави дека овој стратешки поморски пат нема да биде повторно отворен сè додека Вашингтон не ги исполни условите поставени од Техеран, меѓу кои се ублажување на санкциите и исплата на воени репарации. Тој истакна и дека Техеран во моментов не води директни преговори со САД, и покрај тврдењата од Вашингтон дека договорот е блиску.

„Ормускиот Теснец и понатаму е практично затворен“, соопшти „Вестпак“, додавајќи дека неизвесноста останува висока додека војната меѓу Иран и САД влегува во шестиот месец.

И покрај нестабилноста на енергетскиот пазар, азиските берзи забележаа раст. Јапонскиот индекс „Никеи 225“ се зголеми за 2,1 отсто, јужнокорејскиот „Коспи“ порасна за 0,7 отсто, додека „Ханг Сенг“ во Хонг Конг забележа раст од 0,6 отсто.