Во изминатите 24 часа е забележан зголемен проток на патници на најфреквентните гранични премини во земјава, при што значително повеќе македонски државјани ја напуштиле државата отколку што влегле.
Според официјалните податоци, на граничниот премин Богородица, во периодот од 9 април во 12:00 часот до 10 април во 12:00 часот, влез во државата оствариле 1.394 македонски државјани, додека излез оствариле дури 6.864 лица. Во истиот период, 4.753 странски државјани влегле во земјата, а 5.070 ја напуштиле.
Слична е состојбата и на Табановце, каде што 9.150 македонски државјани излегле од државата, а 3.158 влегле. Кај странските државјани, 7.360 влегле, додека 5.449 ја напуштиле земјата.
На граничниот премин Дојран, 546 македонски државјани излегле од државата, додека 241 влегле. Во однос на странските државјани, 1.212 влегле, а 1.114 ја напуштиле државата.
На Меџитлија, пак, излез оствариле 832 македонски државјани, а влез 129. Во истиот период, 3.347 странски државјани влегле, додека 3.038 ја напуштиле земјата.
Податоците укажуваат на засилено движење на граѓаните, особено кон соседните земји, што е вообичаено за продолжени викенди и празнични периоди, кога значителен број граѓани патуваат надвор од државата.
