Поскапувањето на производите, повисоката цена на струјата и на огревното дрво, придонесоа во здружението „Зора на милосрдието“ да се зголеми бројот на барањата за бесплатно добивање на дрва. Висар Џафери од ова здружение, вели дека години наназад имало од 30 до 50 семејства кои барале бесплатни дрва, додека годинава оваа бројка се искачила на 80.
„Годинава се 80 и тоа е рекордна бројка. Од друга страна проблем е и цената, слободно можеме да кажеме дека е двојно зголемена. Минатата година имавме 50 семејства, каде со помош од кооперативно здружение од Косово успеавме да ги покриеме нивните потреби. Би сакале да испратиме апел бидејќи досега имаме само една помош по семејство поради двојното зголемување на цената. Бројот на луѓе кои имаат потреба бележи голем пораст, не само во овој дел, туку и за пакети храна. Имаме одредена бројка каде се трудиме на секои три месеци да им помогнеме со пакети храна. Само во овој период имаме 120 семејства и не можеме да им одговориме на сите“, вели Висар Џафери.
Од Здружението „Зора на милосрдието“ велат дека поскапувањето влијаело да не можат да им излезат пресрет на сите сиромашни семејства, бидејќи со средствата што ги имале на располагање, изминатите години можеле да покријат повеќе семејства, а сега со исто толку средства собрани од хумани луѓе, не можат да ги покријат сите побарувања.
„Имаме порака и апелираме до донаторите, особено до иселениците, но не ги исклучуваме ниту институциите, здруженијата, Владата, општините, министерствата, амбасадите, бидејќи ова прашање стана многу сериозно, особено за семејствата. Знаеме дека немаат приходи, има вдовици со деца сираци кои немаат никакви приходи и секоја вечер треба да палат нешто, затоа што е студено. Ова треба да го знаеме сите, бидејќи сме под ова небо и се грееме под ова небо“, посочи Висар Џафери.
Од „Зора на милосрдието“ порачуваат дека сите оние кои сакаат да помогнат, да се обратат во здружението и да преземат обврска да им достават огревно дрво или пакети храна на оваа категорија граѓани.
