Бројот на загинати во катастрофалниот пожар во бар во Бангкок се искачи на 30, што го прави најсмртоносниот пожар во градот во последните 17 години. Полицијата истражува можна небрежност како причина за трагедијата, а сопствениците на барот ветија соработка во истрагата. Локалните власти во вторникот потврдија дека уште три лица им подлегнале на повредите по пожарот што избувнал во раните утрински часови во понеделникот, пишува „Гардијан“.
Истрагата насочена кон небрежност и блокирани излези
Шефот на националната полиција, Китират Фанфет, изјави дека небрежноста е главната теорија со која се водат истражителите. Според првичните проценки, пожарот бил предизвикан од краток спој во клима-уредот поставен во таванот.
Властите досега идентификувале 27 жртви, за кои се верува дека главно се државјани на Тајланд, додека идентитетот на уште три лица сè уште се утврдува. Од повредените, 24 лица се во критична состојба.
Поголемиот дел од жртвите биле пронајдени заробени во бањите без прозорци, во близина на еден од задните излези.
„Тој излез не бил искористен, а можно е гостите да не можеле да стигнат до него поради маса за продажба на слатки која им го попречувала патот или затоа што било премногу темно за да го пронајдат“, изјави Фанфет.
Пристапот до вториот излез, кој се наоѓал кај кујната, исто така можел да биде отежнат поради полици и ормани, додаде шефот на полицијата по увидот на местото на несреќата. Постојат и индикации дека најмалку некои од излезните врати биле заклучени.
За време на инспекцијата, премиерот на Тајланд, Анутинот Чарнвиракул, бил информиран дека една врата, која претходно служела како излез, била заклучена со завртки бидејќи сопственикот се плашел дека гостите ќе си заминат без да ги платат сметките.
На вратата стоела ознака „само за персонал“, а таа се отворала кон надвор. Еден од службениците му објаснил на премиерот дека гостите не можеле да знаат за тоа.
„Да трчаа накај оваа страна, ќе се спасеа“, одговорил Анутинот.
Сопствениците изразија сочувство, истрагата продолжува
Пабот „Ронг Бир На Ладпрао“ во понеделникот вечерта објави соопштение на социјалните мрежи во кое изрази „најдлабоко извинување за овој трагичен инцидент“ и сочувство до семејствата на загинатите.
Сопствениците ветија целосна поддршка на истрагата и „транспарентен процес за утврдување на фактите“. Истражителите дополнително проверуваат дали таванот над сцената содржел запаливи материјали во декорацијата, како и на кој начин биле поставени електричните инсталации.
Потресни сведоштва на преживеаните
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе како бегаат од приземна зграда од која се шири густ црн чад. Оние кои успеале да избегаат преку главниот влез морале да поминат низ пламенот и претрпеле тешки повреди.
Дечкото на 31-годишна жена која успеала да истрча од запалената зграда раскажал за локалниот медиум „Каосод“ дека минувачи ѝ помогнале да го изгаснат огнот од нејзиното тело. Кога повторно се сретнале, таа му рекла:
„Не можам повеќе. Ме боли страшно. Дали сè уште сум убава?“
Некои од преживеаните се спасиле по чиста среќа. Каевудон Понгпанеј (24), вработен во пабот, во моментот кога избувнал пожарот бил во надворешниот тоалет. Тој видел луѓе како бегаат и почнал да го повикува својот брат, но, како што рекол:
„Жештината беше неподнослива, не можев да се вратам внатре“.
Неговиот помлад брат Понгпасет Понгпани, кој исто така работел во пабот, останал заробен внатре. Браќата биле работници мигранти од соседен Лаос.
Понгпани во понеделникот дошол во мртовечница за да го идентификува телото на својот брат.
„Сакам да го однесам дома кај родителите. Тие чекаат двата сина да им се вратат, а сега едниот веќе го нема“, изјавил тој.
