Француските синдикати ги повикаа вработените во јавниот и приватниот сектор, младите и пензионерите на 5 ноември да учествуваат во штрајкови и протести низ целата земја. Тие бараат од владата конкретни мерки за подобрување на животниот стандард, зголемување на примањата и унапредување на јавните услуги.
Во заедничкото соопштение, синдикалните организации предупредија на сериозноста на социјалната состојба во Франција и ја истакнаа потребата од итни мерки за справување со економските и еколошките предизвици, пренесува француската телевизија БФМ.
Меѓу главните барања се отворање преговори за зголемување на платите, намалување на разликите во примањата меѓу жените и мажите, повисока минимална плата, зголемување на пензиите и социјалните надоместоци, како и поправеден даночен систем со повисоко оданочување на богатството.
На повикот за протести се приклучи и дел од синдикатите во образованието. Наставниците во основните училишта се должни да најават намера за штрајк најмалку 48 часа однапред, додека истата процедура не важи за вработените во средните училишта.
Штрајковите би можеле да предизвикаат проблеми и во железничкиот сообраќај. Четирите водечки синдикати во железничката компанија СНЦФ ги повикаа работниците да го прекинат работењето и да учествуваат во демонстрациите, изразувајќи го незадоволството од платите и условите за работа. И железничарите мора да ја пријават намерата за штрајк најмалку 48 часа однапред.
Синдикалните претставници оценуваат дека мерките за буџетска штедење дополнително ја влошуваат положбата на работниците, го намалуваат животниот стандард и го попречуваат растот на платите.
Протестите може да предизвикаат нарушувања и во здравствениот сектор. Сепак, здравствените установи се должни да обезбедат минимално ниво на услуги за да продолжи грижата за пациентите.
Синдикатите во здравството и социјалната заштита бараат повисоки плати, подобри услови за работа и доволно ресурси за непречено извршување на работните обврски. На штрајковите се повикани вработените во јавните и приватните здравствени установи, како и организациите што обезбедуваат социјални и медицинско-социјални услуги.
Барања за зголемување на платите упатија и синдикатите што ги претставуваат вработените во државната администрација, поштенскиот сектор и телекомуникациите.
