Просечната нето-плата во земјава продолжува да расте и во мај 2026 година се доближи до границата од 50.000 денари. Иако информатичкиот сектор останува меѓу најплатените, најголемото годишно зголемување на платите овојпат е забележано во водоснабдувањето и управувањето со отпад, уметноста и забавата, како и во транспортот.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај 2026 година изнесувала 49.544 денари.
Во споредба со истиот месец лани, просечната нето-плата е повисока за 8,2 проценти, додека во однос на април годинава е евидентиран раст од 1,6 проценти.
Најизразен годишен пораст е регистриран во секторот „Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината“, каде што платите се зголемиле за 11,9 проценти на годишно ниво.
По него следува секторот „Уметност, забава и рекреација“ со раст од 11,3 проценти, додека во „Транспорт и складирање“ просечната нето-плата е повисока за 10,9 проценти во однос на мај минатата година.
Кога станува збор за месечните промени, најголемо зголемување во мај во однос на април е забележано во трговијата на големо и мало, како и во поправката на моторни возила и мотоцикли, каде што просечните плати пораснале за 6,3 проценти.
Значителен месечен раст е евидентиран и во секторот рударство и вадење камен, каде што платите се повисоки за 5,8 проценти, додека во транспортот и складирањето е регистрирано зголемување од 5,7 проценти.
