Во октомври минатата година ДУИ освои 10.114 гласа во Тетово а вчера освои 8702. Според овој резултат ДУИ за една година изгубила 1412 гласа. На овие избори Движење Беса забележа раст на гласачкиот електорат. Гласачкото тело на Беса е зголемено за 1253 гласачи во однос на минатите избори кога освои 8367 гласа, додека вчера освои 9620. Според аналитичарот Арбен Раткоцери овој резултат е изненадување и додаде дека претставува шамар за ДУИ.
„Можеби е прв пат во овие 20 години, да го видиме лидерот на ДУИ, Али Ахмети на прес конференција да објави пораз. Јас како новинар бев љубопитен да ја слушнам и формата на распоредот на речениците на објавувањето на поразот бидејќи до сега ДУИ на сите видови избори била победник. Ова го оценувам како голем шамар за ДУИ“, вели Арбен Раткоцери.
Минатата година АА на локалните избори се тркаше во коалиција со Алтернатива. Во тоа време двете партии заедно освоија 3912 гласа. На овие избори АА и ААА настапија одделно. АА освои само 777 гласа а Алтернатива 1118. Меѓутоа доколку ги сметаме нивните заеднички гласови, тогаш двете партии заедно освоиле 1895 гласа.
„Резултатот на АА е катастрофален, доколку АА продолжи вака тогаш реално таа се движи, би рекол за жал, кон распаѓање како политичка структура, и ова беше едно од најголемите изненадувања на овие избори“, вели Арбен Раткоцери.
Според претходните резултати на ДИК, Движење Беса во новиот општински совет ќе има 12 советници, ДУИ 11, ВМРО-ДПМНЕ 4, СДСМ 2, Алтернатива и ДПА по еден. Без советници останаа АА и листата “Подобро за Тетово“.
