Разговори и со преодната Влада на Бугарија – Заев: Ќе ги најдеме и корењата на кои инсистира Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По вчерашниот став на еврокомесарот Оливер Вархеи дека Македонија мора да ги реши отворените прашања со Бугарија, премиерот Зоран Заев најавува дека преговорите ќе продолжат. Но, поради неможноста Софија да формира влада вели дека обид за да се продолжат преговорите ќе се направи и со техничката, односно преодната бугарска влада.


„Јас се надевам дека иако Бугарија логично дека ќе оди повторно на парламентарни избори дека сепак може да изнајдеме решение од времената влада која што ќе ја постави претседателот Радев. Јас реков нерационален е проблемот мора да изнајдеме решение, интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската унија“, истакна премиерот Зоран Заев.


За состојбите со отворените прашања со Бугарија, вчера се огласи и Американскиот Стејт департмент, од каде порачаа дека преговорите за билатералните спорови меѓу Софија и Скопје треба да бидат постигнати надвор од пристапниот процес со Европската унија. Заев уверува дека идентитетските прашања не се дел од преговорите.


„По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, не ни треба Европската унија. Драго ми е што и Бугарија и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и македонскиот народ. Но ајде велат да ги утврдиме корењата, ќе ги најдеме и корењата, ако бидеме паметни на европски начин“, додаде Заев.


Деновиве се погласни се најавите дека е можно Македонија и Албанија да бидат одвоени како пакет. Иако и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, како и австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер порачаа дека тоа не е добро, вчера еврокомесарот Вархеи најави дека доколку Македонија нема напредок со Бугарија, Тирана е можно сама да ги почне преговорите.