На плоштадот во Куманово може да се најде сè – освен млади. Постарите секојдневно се собираат напладне за да поразговараат, а некои од нив и да разменат по некоја валута. Велат дека не го прават тоа за заработка, туку за хоби – да сочуваат една стара традиција што датира од времето кога не постоеле менувачници или модерни банки.
„Куманово е еден од ретките градови каде што сè уште постои размена на пари „од рака на рака“. Неколкумина граѓани ги разменуваат по улиците, обидувајќи се на овој начин да го заработат лебот.“, вели репортерот на ТВ21.
Еден од нив за ТВ21 раскажа дека со оваа работа се занимава уште од 1989 година, потсетувајќи се на времињата кога заработката била добра, а сега едвај доволна за две векни леб. Сакаше да зборува пред нашата камера без да му се открие идентитетот, но признава дека и овој „занает“ е пред исчезнување.
„Дали луѓето се заинтересирани да разменат пари брзо?“
– „Тука кај што сум јас доаѓаат поретко, затоа што ова е затворена зона, а таму кај што се колегите – во центарот – има повеќе размена.“
„Дали оваа појава останала само во Куманово?“
– „Ми се чини дека само во Куманово, во другите градови нема!“
„Зошто е така?“
– „Не знам!“
„Дали тоа значи дека сме останале назад како општество?“
– „И тоа, но гледам дека полека исчезнува како појава, бидејќи другите ги менуваат парите во менувачници. Јас излегувам по 3–4 часа, се шетам, не можам да седам дома, што да правам.“
„Кои валути најчесто ги менуваат граѓаните?“
– „Најмногу евра! Франци и долари поретко.“
„Кога е сезоната за вас?“
– „За нас сезоната е во јули и август, кога доаѓаат иселениците. Тогаш имаме најмногу интерес од франци, затоа што од евра нема многу, по 10–15–20 денари.“
„Дали парите што ги менувате ги носите во банка?“
– „Не, соработуваме со колеги што работат со повеќе готовина.“
„Колку може да се заработи дневно?“
– „Не повеќе од 200–300 денари, само формално. Веќе 33 години сум тука, и ми остана како хоби. Немам каде да одам, а ова место ми стана како втора куќа.“
Овие лица неколкупати биле и цел на полициски проверки, затоа што според Законот за девизно работење и Одлуките на Народната банка, вршењето менувачки работи е регулирано и бара дозвола, во спротивно менување валута без овластување може да се третира како прекршок/кривично дело и предмет на контроли од надлежните органи.
