Разнишани темелите на партнерството ДУИ-СДСМ; Меџити: Нема влада без албански победник; Заев: ДУИ веќе не победува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Објавувањето на предизборната коалиција меѓу СДСМ и Движење Беса го расипа актуелното партнерство на социјалдемократите со ДУИ.

Изет Меџити од ДУИ признава дека како партнери со СДСМ имале проблеми но коментирајќи ги зборовите на Заев и Касами дека во новата коалиција нема да се дозволат уцени, Меџити рече условите на ДУИ биле за доброто на Албанците.

-Освен што го бараат гласот на Македонците, тие бараат и албански партнер за да не дозволат уцена. За жал се најде една маргинална албанска партија која се стопи во нарацијата за спречување на уцена на македонските партии од страна на Албанците, што е условување за неселективна правда, за работни места за Албанците, за економски развој во албанските зони итн.-вели Меџити.

Меџити потврди дека ДУИ ги условила македонските партии за прашања како што е прашањето за името, за евро – атлантските интеграции, за двојазичноста и за претседател на Албанец на Собранието.

„Не може да заборави Зоран Заев ниту Социјалдемократскиот сојуз дека без ДУИ немаше да има промени кои денес ќе ја внесеа Македонија во НАТО, бидејќи како губитник со 49 пратеници, токму ДУИ беше главен фактор за да се формира мнозинството, рушејќи го начелото победник со победник, значи кршејќи ги своите начела во функција денес да ја имаме Македонија во НАТО и Европската унија.“, изјави Меџити.

Меџити истакна дека “влада во оваа земја не може да има без албански победник на демократски избори кого го одредува волјата на Албанците а не волјата на “сојузите“ и канцелариите. Од друга страна лидерот на СДСМ, Заев ги знае заедничките постигнувања на СДСМ – ДУИ, но им кажа на интегративците дека нема веќе победа за нив и дека новата коалиција ќе победи и во ИЕ 6, таму каде што според информациите ќе се соочат Ахмети и Биљал Касами.

На изјавите на Меџити преку Фејсбук реагираше и генералниот секретар на Движењето Беса.

„Не вреди да се коментираат изјавите на функционерите на ДУИ, особено кога зборуваат за начелото победник со победник, кое што и самите го прекршуваат, дотолку повеќе кога Албанците му дадоа 20 пратеници но тие со “сојузите“ создадоа политички монструми како Никола Груевски кој за 8 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ погазија се што се однесува на Албанците. “, вели Хоџа.

Иако постојано се зборуваше за проблеми во соработката СДСМ – ДУИ, големо разнишување на нивните темели се случи вчера кога СДСМ и Беса ја потпишаа предизборната коалиција. Такво нешто пред неколку дена направија и АА со Алтернатива. Лидерот на македонската опозиција, Мицкоски вчера рече дека најверојатно нема да има предизборна коалиција со некоја албанска партија. ДПА и НДП се уште не се знае како ќе постапат.