Разрешен директорот на санкции Марјан Спасовски – Ковачевски: Не сум задоволен од работата на првиот човек на Управата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски ќе биде сменет од прв човек на Управата за санкции, најави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека не е задоволен од неговата работа. Сето ова се случува по бегството на затвореникот од Идризово. Директорот на санкции и покрај тоа што знаел за коруптивноста на командирот Срѓан Димитријески, сепак и натаму го оставил на таа позиција а бегството на затвореникот се случило токму во негова смена. Засега Ковачевски не најавува дека би можел да биде сменет и првиот човек на затворот Идризово бидејќи тој е назначен на оваа позиција пред извесен период.

„Искрено јас не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда и веќе отпочнав процес на селекција на нов директор. Во однос на директорот на затворот Идризово таму има нов директор од пред неколку месеци и промената беше направена на претходниот врз основа на консултации кои што ги имав со меѓународни институции во делот на управувањето на затворскиот систем“, вели Димитар Ковачевски.

По скандалот со бегството на Беким Мемети осуденик на долгогодишна затворска казна поради убиство од затворот во Идризово, на командирот и вработени во затворот Идризово им е поднесена кривична пријава поради сомнение дека го овозможиле бегството.

„Единицата за корупција во Секторот за криминалистички истраги при одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе поднесе кривична пријава против четворица затворски полицајци командир и надзорници вработени во КПУ Идризово“, додава Димитар Ковачевски. 

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали бегството го организирале командирот Срѓан Димитриевски од СДСМ и Идриз Асани, затворски полицаец од редовите на ДУИ.

„Коалицијата на криминалот СДС/ДУИ мора да одговори дали со Срѓан „со шефот до крај“ Димитриевски, главна улога во сценариото за бегството на осуден убиец има и Идриз Асани, затворски полицаец од Студеничани? Дали коалицијата Димитриевски – Асани се главни организатори или само извршители на ова бегство?“, порача Наум Стоилковски.

Беким Мемети избега при негов спровод од затворот Идризово до болница. Затворската полиција била пресретната од неколку вооружени лица, при што еден полицаец беше повреден.