Реагира Амбасадата на Србија: На спорната снимка не е амбасадорката на Србија во Шпанија Ирена Шарац, туку водителката Јелена Димитријевиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Амбасадата на Република Србија во Шпанија реагираше на објавената снимка на која српската амбасадорка во Шпанија, Ирена Шарац, на настан во Мадрид наводно се збунува бакнувајќи го холандското знаме мислејќи дека е српско.

„Согласно релевантните медиумски закони, а со цел вистинитост и објективност во известувањето, ве молиме без одлагање да го отстраните или, согласно објективните факти и вистината, да го измените написот на вашиот портал на линкот https://mk.tv21.tv/pogreshen-baknezh-srpskata-ambasadorka-go-pomesha-holandskoto-so-srpskoto-zname/ имајќи предвид дека на спорната видеоснимка не е амбасадорката на Република Србија во Кралството Шпанија, Ирена Шарац, ниту кое било лице поврзано со Амбасадата на Република Србија во Мадрид, туку српската водителка госпоѓа Јелена Димитријевиќ, што многу лесно може да се провери преку нејзиниот (јавно достапен) профил на Инстаграм, на кој е објавена и видеоснимката на која се повикувате (_jelena_dimitrijevic). Исто така, очекуваме вашиот портал да објави демант на оваа вест која, покрај тоа што е невистинита, нанесува голема штета на угледот на амбасадорката Шарац, како и на Амбасадата на Република Србија во Мадрид.“, се вели во реакцијата.

ТВ21, во согласност со новинарските етички правила, го објавува овој демант, а истовремено ќе направи видливо дополнување на првичната содржина. На публиката и засегнатите им изразуваме жалење за оваа ненамерна грешка.