Ирена Шарац, амбасадорката на Србија во Шпанија, привлече внимание откако видео што кружи на социјалните мрежи ја прикажува како го бакнува холандското знаме за време на јавен настан во Мадрид, очигледно верувајќи дека станува збор за српското знаме.
Откако го бакнала знамето, Шарац се свртела кон камерата и крева три прста, што е препознатлив националистички поздрав. Видеото предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, вклучително и потсмевање и критики кон амбасадорката.
Знамињата на Србија и Холандија ги имаат истите три бои – црвена, сина и бела – но распоредени поинаку. Српското знаме има црвена, сина и бела хоризонтална лента, додека холандското знаме има црвена, бела и сина лента.
Шарац ја презеде функцијата амбасадорка на Србија во Шпанија во 2024 година. Таа повеќе од една деценија работи во српската дипломатија, а претходно била на служба во Грција и Кина. Нејзиното име и претходно беше споменувано во медиумите во врска со наводни неправилности при потрошувачката на гориво во Амбасадата на Србија во Атина.
ДОПОЛНУВАЊЕ:
Реагира Амбасадата на Србија: На спорната снимка не е амбасадорката на Србија во Шпанија Ирена Шарац, туку водителката Јелена Димитријевиќ
Амбасадата на Република Србија во Шпанија реагираше на објавата на веб страницата на ТВ21, во која се зборува за снимка на која српската амбасадорка во Шпанија, Ирена Шарац, на настан во Мадрид се збунува бакнувајќи го холандското знаме мислејќи дека е српско.
„Согласно релевантните медиумски закони, а со цел вистинитост и објективност во известувањето, ве молиме без одлагање да го отстраните или, согласно објективните факти и вистината, да го измените написот на вашиот портал на линкот https://mk.tv21.tv/pogreshen-baknezh-srpskata-ambasadorka-go-pomesha-holandskoto-so-srpskoto-zname/ имајќи предвид дека на спорната видеоснимка не е амбасадорката на Република Србија во Кралството Шпанија, Ирена Шарац, ниту кое било лице поврзано со Амбасадата на Република Србија во Мадрид, туку српската водителка госпоѓа Јелена Димитријевиќ, што многу лесно може да се провери преку нејзиниот (јавно достапен) профил на Инстаграм, на кој е објавена и видеоснимката на која се повикувате (_jelena_dimitrijevic). Исто така, очекуваме вашиот портал да објави демант на оваа вест која, покрај тоа што е невистинита, нанесува голема штета на угледот на амбасадорката Шарац, како и на Амбасадата на Република Србија во Мадрид.“, се вели во реакцијата.
ТВ21, во согласност со новинарските етички правила, го објавува овој демант, а истовремено ќе направи видливо дополнување на првичната содржина. На публиката и засегнатите им изразуваме жалење за оваа ненамерна грешка.
