Мицкоски: Експерти бараат решение за јазиците по Устав

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По протестот на студентите, од Министерството за правда изјавија дека правосудниот испит се спроведува според важечкиот закон и дека министерството останува отворено за дијалог само во рамките на законската рамка. На овој став, организаторот на протестот, Мевлан Адеми, во Клик Плус истакна дека нема простор за преговори за албанскиот јазик, бидејќи тој е загарантиран со Уставот и со закон.

-Нема што да се преговара таму, албанскиот јазик е службен, тоа го предвидуваат и Уставот и Законот за употреба на јазиците. Што да дискутираме ние со министерот Филков? Соопштението беше само на македонски јазик, повторно не се почитува албанскиот јазик. Ова е став што не му доликува на еден министер кој е министер за сите народи што живеат тука, особено за народ кој е државотворен во нашата земја, изјави Мевлан Адеми, студент.

Професорот Башким Селмани повика на уште поширока поддршка. Според него, албанскиот јазик е неспорен и бара институциите да ги почитуваат обврските кон граѓаните.

-Студентите од денес ќе имаат уште поголема одговорност, ќе имаат уште повеќе блокирани патишта отколку што имаа денес, затоа посакувам сите да бидеме заедно, да ги поддржиме во секој момент, треба да го сензибилизираме и меѓународниот фактор – тоа ќе биде решението, изјави Башким Селмани, професор.

Во текот на вчерашниот ден, студентите и граѓаните протестираа од Камениот мост до Министерството за правда, барајќи правосудниот испит да се полага и на албански јазик.