Реакции за трагедијата во Карпош: Семејството и организациите бараат институционална одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Трагичниот случај што се случи вчера во Карпош предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, а семејството и граѓаните бараат институционална одговорност. Братот на жртвата, Александар Стојаноски, преку статус на Фејсбук ги обвини институциите за неактивност, и покрај бројните пријави за семејно насилство.

„По долгогодишни пријавувања за семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање на двете, закани, пријави, обид за убиство среде државна институција, ја загубив мојата внука и сестра. Државата дозволи да згаснат млади животи, ве молам не шпекулирајте за тоа што се случи, никој нема да ми ги врати најблиските, но правдата ќе мора да се истера до крај и ние нема да застанеме додека тоа не се случи!“, вели братот на жртвата.

Јавна реакција имаше и соседката на жртвите, Тања Спировска, која во објава ја нагласува колективната и институционалната одговорност за неспречувањето на трагедијата.

„150 станови не успеавме да ве спасиме од чудовиштето што ве злоупотребуваше и ве тепаше секој ден. Сите сме виновни во оваа приказна, и ние и сите институции! За жал, изгубени се два млади животи, а причината е една и има име и презиме – Стојанче Јовановски. Не ја обвинувајте мајката, очигледно тоа бил последниот излез од темнината во која се наоѓала“, вели Тања Спировска.

Од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бараат, како што истакнуваат, итна, целосна и независна истрага.

„Она што го гледаме не се изолирани инциденти, туку модел. Модел на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Наместо системот да обезбеди навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Од Националната мрежа против насилство врз жените информираат дека само во 2026 година четири животи се изгубени како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Евростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа, што претставува алармантен показател дека системот на заштита не функционира ефикасно.