Реакции за укинувањето на балансерот – дијаспората на АА: Одлуката е нелегитимна, бараме да се повлече

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не стивнуваат реакциите околу најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе биде укинат балансерот и наместо тоа ќе биде претворен во Закон за еднаква застапеност. Од ограноците на Алијанса за Албанците во дијаспората бараат од ВРЕДИ да се повлече ваквата одлука бидејќи на тој начин, како што велат се брише албанската дијаспора.

„Сите ограноци на Алијансата за Албанците во дијаспората реагираат гласно на неодамнешната одлука за бришење на албанската дијаспора од официјалната статистика за правична застапеност, а за оваа одлука ќе ги алармираме и европските и светските центри за одлучување како и сите здруженија на албанската дијаспора. Овие нелегитимни одлуки на Владата ги гледаме како чекор кон спречување на нашето враќање во татковината и се сомневаме дека се кријат уште поопасни сценарија“, велат од дијаспората на АА.

И претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села деновиве во Дејли клик на ТВ21 рече дека Балансерот е дел од Охридскиот договор.

„Главната битка во 2001 година со донесувањето на Рамковниот охридски договор беше, каде? Каков треба да биде карактерот на државата? Дали треба да биде унитарен или треба да имаме други форми на државно организирање, дали беше тоа нели? Досега Македонија има унитарен карактер, имаше компромис по ова прашање во времето кога се усвои Рамковниот договор…и сега се донесе ако компромис за да се зачува унитарниот карактер на државата но преку градење на неколку механизми кои требаше да спречат мајоризацијата која им се случуваше на Албанците и другите заедници. И овие механизми за спречување на мајоризација беа? Беше бандентеровиот принцип…друг механизам беше правична и адекватна застапеност, балансерот. Не е синоним како механизам кој функционирал досега е балансерот“, изјави Села.

И од ДУИ изразија загриженост за укинувањето на балансерот и истакнаа дека со тоа се прави директен напад на принципот на правична застапеност, кој е еден од главните столбови на Охридскиот договор.

Укинувањето на балансерот деновиве го најави новиот министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој рече дека целиот процес ќе се одвива во фази, што значи најпрво лицата попишани во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во земјава, а ќе бидат земени предвид само резидентните лица. Потоа со закон и промена на методологијата ќе се оди кон неговото целосно укинување, кое ќе биде заменето со закон.