Академик Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет, во гостувањето во емисијата Бизнис 21 на ТВ21 оцени дека проекцијата за инфлација од 2,5 проценти за наредната година е реална, но предупреди на ризиците од неповрзан раст на платите и продуктивноста.
„Да, мислам дека е реална таа проекција. Така предвидуваат и меѓународните финансиски институции. Но тоа е агрегатна стапка – ако вкупната инфлација биде 2,5 проценти, тоа не значи дека базичната инфлација нема да биде повисока. Ако таа се движи околу 4 или 5 проценти, тогаш мора внимателно да се следи динамиката на платите,“ изјави Беџети.
Тој објасни дека ако растот на платите се врзува само за инфлацијата, без соодветно зголемување на продуктивноста, економијата може да влезе во „спирала на трошоци и цени“.
„Не смееме да се натпреваруваме со инфлацијата, туку со продуктивноста. Ако ја потхрануваме инфлацијата со административно зголемување на платите, само ја продлабочуваме кризата. Решението е во структурните промени во економијата,“ нагласи академикот.
Беџети додаде дека Македонија во минатото била извозник на основни прехранбени производи, а денес станала увозно зависна, што дополнително ја зголемува ранливоста на економијата на надворешни шокови.
