Ребаланс на Буџетот, Бесими: Ќе ја задржиме стабилноста на економијата и граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економската и енергетската криза предизвикани со воената агресија врз Украина ја наметна потребната од ребаланс на Буџетот.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето истакна дека се продолжува со консолидирање на Буџетот за мерките насочени кон справување со кризата да ги таргетира најчувствителните потреби на граѓаните и стопанството. Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката на социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство истакна Бесими.

„Ревидирањето на Буџетот има две главни цели и тоа првата цел е да се задржи макроекономската стабилност кое е клучно за зголемувањето и понатамошниот развој на секоја економија и втората цел е да го поддржи закрепнувањето на економијата во периодот пред пандемијата и зачувување на социоекономската состојба на нашите граѓани“, рече Бесими.



„Преку овој ребаланс на Буџет се остварува заштеда на сериозни средства кои ќе се искористат за директна помош за граѓаните и за стопанството. На овој начин се обезбедуваат 76 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанство како и дополнителни 52 милиони евра за поддршка на земјоделците, за раст на платите и пензиите“, вели Георгиевска од СДСМ.


Опозицијата со критики за предложениот ребаланс, велат дека ребалансот е доказ за тоа дека македонската економија е разрушена и дека постојано се зголемува сиромаштијата.


„Овој ребаланс е директен доказ за тоа дека Македонија во моментов е банкротирана, економски срушена, испокрадена и земја која со брз чекор оди кон огромна сиромаштија. Имаме историски највисока инфлација од 12 проценти, историски највисок јавен долг, експлозија на цени на основните прехранбени производи, троцифрена цена на горивата, струја која поскапува секои 6 месеци а не очекува ново поскапување од минимум 10 проценти, најмали плати во регионот, најмал раст а сепак најбогата владина коалиција“, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.


За предложениот ребаланс на Буџетот поднесени се 204 амандмани од кои ВМРО-ДПМНЕ има над 170, Алијанса за Албанците има 28, а власта има поднесено 2 амандмани. Прекројувањето на државната каса предвидува приходите да изнесуваат 245,8 милијарди денари а расходите се планираат на ниво од 288,5 милијарди денари.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти што е за 1,4 процентни поени пониско во однос на проектираниот Буџет, а инфлацијата е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот се предвидува да биде 42,7 милијарди денари, а за отплата на домашниот и надворешниот долг се планираат нови задолжувања.