Ребалансот на буџетот утре на владина седница, Димитриеска-Кочоска: Ќе имаме нагорна корекција на буџетскиот дефицит

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на Буџетот утре ќе се разгледува на владина седница. Ќе има корекција на буџетскиот дефицит, односно негово зголемување, потврди министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според неа, корекцијата доаѓа поради зголемените потреби за финансирање на капиталните инвестиции. Ќе има корекции и на приходната страна, во делот на акцизите, поради мерките за горивата кои беа донесени како одговор на кризата. На прашањето колку чинеле мерките, односно намалувањето на ДДВ и акцизите за горивата, министерката рече дека акцизите треба да се коригираат за околу 1,5 милијарди денари, но додаде дека во моментов е тешко да се направат прецизни пресметки.

„Она што во овој момент можам да го кажам е дека ќе имаме одредена нагорна корекција на буџетскиот дефицит и за првпат ќе имаме зголемување на буџетскиот дефицит како резултат на зголемените потреби за финансирање на капиталните расходи, односно капиталните инвестиции, што сметам дека согласно Законот за буџети ги оправдува ваквите состојби. Во исто време имаме и одредени корекции на приходната страна, односно во делот на акцизите, поради сите оние мерки што ги имавме во изминатиот период“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.