Ребалансот на буџетот влезе во Собранието – јавниот долг и буџетската дупка највисоки досега, критикува опозицијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на буџетот пред комисиска расправа. Ова е прво прекројување на државната каса за годинава со кој се планира да се потрошат дополнителни 300 милиони евра од претходно планираното.

Според проекциите, приходната страна треба да изнесува 222,6 милијарди денари, што е за 4,7 проценти повисоко во однос на проектираниот Буџет за годинава, додека расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе од првично проектираното.

Со ребалансот се предвидува и зголемување на буџетската дупка, односно дефицитот ќе изнесува 6,5 отсто од БДП. Вчера министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за ТВ21 рече дека не очекува опструкции од опозицијата. На денешна седница пред пратениците ребалансот го бранеше заменик министерот Ковачевски.

„Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти. Подобрување на наплата на буџетските приходи преку мерки за намалување на сивата економија мерки за спречување и сузбивање на корупцијата и зајакнати инспекциски контроли. Намалување и реструктуирање на буџетските расходи преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите“, истакна Димитар Ковачевски. 

Ребалансот е одлика на една неодговорна власт, критикуваше опозицијата. Јавниот долг во државава е двојно поголем од вкупните буџетски приходи, парите се трошат ненаменски, а за странски инвестиции сме на дното од регионот, рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ

„Јавниот долг во Македонија веќе го достигна највисокото ниво во нашата историја. Сите ние должиме над 7 милијарди евра, што претставуваме 63 проценти од бруто домашниот производ. Никогаш не сме биле позадолжени. Ваучерите беа и се потребни за оние кои поради КОвид кризата не можеа да работат или имаа драстично намален обем на работа. Но на граѓаните им се потребни работни места, затоа што од ваучери не се живее“, посочи Тимчо Муцунски.

За ребалансот на буџетот поднесени се 222 амандмани од кои само 153 се од ВМРО-ДПМНЕ. Расправата во комисијата ќе трае 10 дена, а потоа ребалансот оди на пленарна седница за што има уште пет дена за дебата.