Реформа или континуитет во ДУИ: Ќе има ли храброст Ахмети да се одвои од старите фигури?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе има ли храброст Али Ахмети вистински да ја реформира ДУИ, одвојувајќи се од истрошените фигури и отворајќи пат за нови кадри?

Конгресот во сабота (20 декември) ја затекна Демократската унија за интеграција, во можеби најкритичниот момент од нивната политичка историја. Барањето за промени повеќе не е опозициска реторика, туку директен притисок од електоратот и од самата политичка реалност – велат аналитичарите.

Според нив, реформата не може да се ограничи на формални корекции или ротација на имиња во рамките на истата структура. Таа бара длабинско преиспитување на начинот на донесување одлуки, политичката одговорност и застапеноста во партијата. Без промена на архитектурата на внатрешната моќ, секоја реформа ризикува да остане само декларативна.

Суштината на реформата не лежи во козметички промени, туку во реформирање на начинот на политичко размислување и дејствување. Статут што ги дефинира мандатите, јасно ги раздвојува надлежностите, но пред сè и одговорностите, ја зајакнува улогата на лидерот, но и на партиските органи со реална политичка тежина, истовремено воспоставувајќи внатрешни механизми на контрола. Без промена на архитектурата на моќта во партијата, нема реформа – има само ротација на фигури, вели Газменд Ајдини, аналитичар.

Медиумски извори зборуваат за длабоки промени во раководната структура и подготовка на бран заминувања од претседателството, како чекор кон освежување на партијата. Неофицијално, како имиња што се споменуваат за заминување се: Фатмир Дехари, Муса Џафери, Џеват Адеми, Теута Арифи, Рамиз Мерко, Садула Дураку, Реси Абдурахмани и други.

Исто така се предвидуваат интервенции во ограноците и замена на локалните раководства, со цел враќање на довербата на електоратот и создавање простор за нови политички енергии.

Познавачите на политиката велат дека без отстранување на истрошените имиња, вистинска реформа останува невозможна. Аналитичарот Сефер Селими вели дека оваа ситуација во ДУИ бара длабока структурна интервенција.

-Треба да има длабока рефлексија и од самите луѓе кои се во политиката повеќе од 20 години и се истрошени во очите на јавноста, за да се овозможи отворање на патот за нова енергија и нови фигури, вели Сефер Селими, аналитичар.

Лидерот на партијата Али Ахмети сега се соочува со предизвикот да управува со тежок транзициски период, или ќе продолжи со истиот пристап и истите политички актери, или ќе отвори ново поглавје со суштински промени. На крајот, дилемата останува јасна: дали Конгресот на 20 декември ќе се претвори во пресвртна точка што ќе ѝ даде на ДУИ нов правец и шанса за закрепнување, или ќе остане формален ритуал кој само го потврдува продолжувањето на политичкиот пад? Одговорот зависи од една клучна одлука – дали Али Ахмети е подготвен да ја предводи промената или уште еднаш да ја одложи.