Берлинскиот процес и Реформата агенда се мостовите за заедништво и сплотеност на земјите од регионот кои ќе ни помогнат да станеме подобри и поконкурентни и многу посилни како држави. Ова во своето излагање го истакна заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков која потенцираше дека тие се еден од врвните приоритети кои не се само обврска туку и како потреба за сите нас.
„Тоа е шанса за наше регионално економско, социолошко и културно обединување преку кои ќе ги согледаме нашите слабости кои ќе ги претвориме секако во можности. Тоа е и шанса побрзо да се доближиме до Европската унија и преку спроведување на европските стандарди и секако нејзините вредности“, рече Трајков.

Берлинскиот процес е иницијатива која започнаа поради застој на евроинтегративните процеси во регионот, истакна Марко Трошановски од Институтот за демократија, кој, како што додаде требаше да има поголем ефект.
„Му недостигаше иницијатива му недостигаше поголем притисок домашен помеѓу парламентите и на некој начин беше заложник на некои билатерални спорови кои што ги имаме во регионот поради што не можеа голем дел од мерките да се финализираат и усвојат меѓутоа имаше и голем прогрес во заедничкиот пазар“, изјави Трошановски.

Според Дијана Тоска од Европскиот фронт европските процеси не се само технички процеси, туку идеја да создадеме функционална, стабилна и европска држава.
„Реформската агенда и планот за раст е домашна задача што мораме да ја исполниме. Но патот кон Европската унија не се реализира само преку иницијативи. Патот кон ЕУ влегува во секоја институција секој закон, секоја процедура и секоја политика што ја спроведуваме дома“, рече Дијана Тоска.
Сања Лукаревска пак од СДСМ истакна дека Берлинскиот процес, Реформската агенда и Планот за раст треба паралелно да ги разгледуваме со Извештајот на Европската комисија за да се утврди каде земјава има напредок.
„Она кое што загрижува затоа што од 2021 година кога имаше Самит на Берлинскиот процес главниот заклучок тогаш бил дека проширувањето останува стратешка цел односно стратегиска инвестиција за мир, демократија, просперитет, безбедност и стабилност во Европа и тоа се однесува и на нас и на земјите од Западен Балкан. Истата теза, истите заклучоци, истата потреба ја имаме токму и денес во 2025 година.“, кажа Лукаревска.

Берлинскиот процес е започнат уште од 2014 година со цел да се создаде силна рамка за меѓусебна соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија, а дополнително ги подготвува и земјите за членство во Европската унија.
