Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа вели дека работат на долгорочно решение за управување со отпадот преку регионални депонии. Според Хоџа, тендерските постапки за изградба на регионални центри за собирање и складирање отпад, веќе се во тек, со посебен фокус на Полошкиот регион.
„Фокусирани сме на одржливо решение на овој проблем преку изградба на регионални центри. Во моментов се подготвува документацијата за објавување повик за економски оператор кој ќе започне со работи во Русино и Новаци. Наскоро очекуваме избор на оператор и за Свети Николе, кој ќе го покрива источниот и североисточниот регион“, вели Мухамед Хоџа.
Министерот Хоџа истакна дека зголемувањето на бројот на диви депонии е последица на недостиг од еколошки инспектори. Тој најави зголемување на нивниот број и целосна реорганизација на инспекторатот.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, претстави нов пристап за отпадот.
Се очекува општината да формира посебен сектор за екологија и енергетика, со цел подобра координација на ресурсите.
„Тетово не немало недостиг на капацитети, туку недостигала соодветна координација на постоечките ресурси. Со формирањето на сектор за животна средина и енергетика, ќе имаме многу поорганизирани активности за заштита на животната средина.“, вели Биљал Касами.
Проблемот со дивите депонии останува сериозен предизвик за Македонија со години. Последниот случај во Кичево, како и големите количества отпад на Шар Планина, покажуваат дека ситуацијата бара итна и координирана интервенција.
